Кошаркарската репрезентација на Македонија денес со дуел против Израел ќе го отвори настапот на олимписките претквалификации. Групата во која освен Македонија и Израел, се и репрезентациите на Чешка и Естонија се игра во Талин, а најдобрите две продолжуваат во разигрувањето во Гливице. Само најдобрата репрезентација од овие осум кои ќе настапат на турнирите во Талин и Гливице ќе обезбеди пласман во главните квалификации за Олимпијадата во Париз.
Израел за нас е добро познат противник, против кој имаме одиграно осум натпревари со половичен ефект од четири победи и четири порази. Двапати игравме на европските првенства, трипати во квалификации и трипати се среќававме во пријателски мечеви.
Последенпат игравме во 2015-тата година кога во пријателски натпревар ги победивме во Скопје со 69-64, во рамки на подготовките за Европското првенство, последното на кое настапи Македонија. На последните три натпревар против Израел имаме три победи, од кои два се во пријателски натпревари и еден е на Европското првенство во Полска во 2009-тата година.
Ширум Европа денес ќе се одиграат вкупно четири натпревари во рамки на претквалификациите за Олимписките игри, но и три натпревари од квалификациите во Азија.