Претпазлив е селекторот на израелската фудбалска репрезентација, Енди Херцог, пред дуелот против Македонија. На 5 септември нашите најдобри фудбалери ќе гостуваат во Израел, а стратегот на домаќините не ветува освојување на три бода. За Херцог најважно е Израел да ја задржи втората позиција на табелата, во квалификациите за Европското првенство 2020 година.
„Моментно сме на второто место во квалификациите и наша цел е да останеме на тоа место и по септемвриските квалификации. Не сметам дека сме фаворити против Македонија, но сигурно дека може да победиме ако одиграме како што знаеме. Против селекции како Полска и Австрија не може да се надеваме на сензација, но во дуелите со Македонија може да освојуваме бодови“, рече Херцог.
Македонија досега има две гостувања кај Израел и има еден пораз (0:1) и победа од 1:0 на мечот одигран точно пред две години.