Репрезентацијата на Палестина одигра 0-0 против Либан на првиот натпревар откако започна воениот судир со Израел. Интересно, на овој натпревар за палестинците настапи и Ата Џабер, фудбалер кој има израелско државјанство и во минатото настапувал за младинските селекции на Израел, а бил и капитен на селекцијата за играчи до 21 година.
Ова за него беше четврти настап во дресот на Палестина, но токму сега започнаа реакциите. Тој на социјалните мрежи доби илјадници смртни закани, а се огласија и од неговиот поранешен клуб, Ашдод, од каде бараат да му биде одземено израелското државјанство.
Реакција има и од неговиот поранешен соиграч од младата репрезентација, Јонатан Коен.
– “Се срамам што ми беше капитен во репрезентацијата до 21 година. Со тебе ја делев соблекувалната повеќе од една година и добро се согласувавме, а сега дознавам дека ти би бил среќен доколку јас и моите колеги умреме.“ – вели напаѓачот на Макаби Тел-Авив, Коен.
Џабер во моментов настапува за азербејџанскиот Нефчи Баку, а откако ги минал младинските селекции на Израел, не добил повик од сениорите, па се одлучил да ја промени репрезентацијата и да настапува за Палестина.