Голманот Ганем Махајна беше отпуштен од израелскиот клуб Хапоел Беит Шеан откако навивачите го изразија своето незадоволство поради неговото минато во палестинската лига и настапите за палестинската репрезентација.
33-годишниот голман потпиша договор со Хапоел минатата недела, но неколку дена подоцна доби отказ без да одигра ниту еден натпревар за клубот.
Отпуштањето следуваше по реакциите на социјалните мрежи, каде што навивачите го осудија неговото претходно учество во палестинската лига и неговиот настап за палестинската репрезентација во 2017 година. Под притисок на јавноста, клубот ја прекина соработката со голманот.
Иако првично Хапоел Беит Шеан изрази поддршка за Махајна и изјави дека „веруваат во вистински соживот“, со што ги повикаа незадоволните навивачи да не присуствуваат на натпреварите, клубот сепак одлучи да го отпушти играчот.
Махајна изјави дека е фрустриран и емотивно погоден од оваа ситуација, но ја прифаќа реалноста дека неговата приказна во овој клуб завршила.