14.8 C
Skopje
вторник, 21 октомври 2025

Израелските клубови во Евролигата и во Еврокупот ќе можат да играат натпревари во својата држава

Израелските кошаркарски клубови во Евролигата и во Еврокупот од 1 декември повторно ќе можат да ги играат своите домашни натпревари во Израел, објави организациското тело што ги води натпреварувањата во Евролигата и Еврокупот. Од октомври 2023 година, поради конфликтот меѓу израелската армија и палестинскиот Хамас во Појасот Газа, израелските клубови своите домашни натпревари ги играа на неутрален терен.

Макаби Тел Авив, шесткратен европски шампион, речиси две години ги игра своите домашни натпревари во Белград, додека Хапоел Тел Авив, минатосезонски освојувач на Еврокупот, игра во Софија. Но, на 10 октомври стапи во сила примирје, по што организациското тело што ги раководи натпреварите во Евролигата и Еврокупот реши да го разгледа барањето на израелските клубови повторно да им се дозволи играње на домашни натпревари во Израел.

„По внимателна дискусија, клубовите собрани во рамките на ЕКА се согласија дека од 1 декември оваа година повторно ќе може да се играат натпревари во Израел. Веруваме дека кошарката може да ги зближува луѓето и заедниците и да придонесе за мир преку вредностите на спортот, почитта и единството“, објави Евролигата.

Во соопштението се додава дека Евролигата со оптимизам и надеж го пречекува мировниот план и дека внимателно ќе ја следи ситуацијата на теренот.


Оваа сезона Макаби и Хапоел Тел Авив се натпреваруваат во Евролигата, а Хапоел Ерусалим игра во Еврокупот.

- Оглас -

Најнови вести