Екипата на Макаби од Тел Авив не може да верува дека нивниот следен ривал, Зорија од Украина, не сака да го одложи мечот кој треба да го играат на 26 октомври во рамките од третото коло на Конференциската лига на УЕФА.
Причината поради која од Макаби бараа да се одложи овој дуел е јасна – војната во Израел, но од спротивната страна нема позитивен одговор на ова нивно барање. Челниците на Зорија дури инсистираат во УЕФА средбата да се игра во поставениот термин.
Дуелот е закажан на стадионот „Блумфилд“ во Тел Авив, град каде што веќе две недели има воени дејствија поради конфликтот меѓу Израел и Палестина.
„Сакаме да ве потсетиме дека нашата земја веќе една година и десет месеци е во војна. За тоа време, нашиот народ, нашите навивачи и екипата преживеаја многу. Моравме да ги напуштиме нашите домови, да започнеме живот на друго место и уште да се бориме. За сето тоа време ниту еднаш не побаравме да ни се одложи некој натпревар“, е пораката која ја испратија од украинскиот тим.