Израелците си платија светски првак да ги подготвува за Македонија – Дневница му е 750 евра

Германецот Бењамин Кугел е еден од најценетите фитнес тренери на светот, а ќе дебитира на подготовките со националниот состав на Израел за мечот против Македонија во Бер Шева на 5 септември.

Ангажманот на 40-годишниот стручњак за физичка подготовка крена многу прашина во Израел, а причина е огромната плата. Кугел има договор од почетокот на овој месец за дневница од околу 3.000 израелски шекели или малку повеќе од 750 евра, и ќе биде третиот најплатен човек во стожерот на репрезентацијата, зад селекторот Андреас Херцог и неговиот помошник Алон Хазан. Сите останатите тренери и помошници во стручниот штаб ќе бидат според примањата зад Кугел, што не им се допадна на Израелците.

Но, Кугел има одлични препораки, а најдобрата можна му е работата со германската фудбалска репрезентација од 2010 до 2018 година и освоената светска круна со Елфот на Мундијалот во Бразил во 2014 година.

Тогаш Германија изгледаше страотно моќно, а на патот до титулата го понижи домаќинот Бразил со победа од 7:1 во полуфиналето.

Кугел имаше одлични резултати и во Вердер и во Келн, што му беше одлична препорака да биде ангажиран од националната селекција на Германија и сега од Израелците.

Во Бер Шева на петти септември Македонија ќе му биде гостин на Израел во квалификациски меч за пласман на ЕП 2020 година и тоа за Кугел ќе биде деби-подготовка по договорот склучен на почетокот на август.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести