Извини бордо, ама црвено-жолтите бои ни се најмили

Одвај дочекавме Македонија да заигра на Европско првенство, а на две недели пред нашето деби, се случи студен туш, фудбалерите дочекаа да им кажат дека нема да играат со црвено-жолти дресови, туку во некоја нијанса на бордо со бело, бои кои немаат врска со македонското знаме.

Како да сме Катар или Летонија. Не дека нивните знамиња се грди, туку нам не ни личи да играме во нивните бои, народот не се поистоветува со бојата бордо, туку со црвената во комбинација со жолтата.

За среќа, по жестоките реакции од јавноста, но и од некои од играчите, претседателот на ФФМ најави дека сепак ќе играме со црвено-жолто, што е логично. Но, зошто воопшто да дојде до ова и да се набива негативна енергија? Дури и на папата му беше даден бордо дрес.

Кога еден Горан Пандев ќе каже дека на срце му се само црвената и жолтата боја, тогаш нема што повеќе да се дискутира. Кој ќе сакаше да купи таков бордо дрес од репрезентацијата? Ќе се направеше само контраефект кај навивачите.

Не ни требаа вакви непотребни расипувања на атмосферата пред историскиот настап, но ние сме шампиони во самоуништување и поделби. Сега се признава грешката, ќе играме со стандардните национални бои, Рисовите го заслужуваат тоа. Не е добро што дојде до ова, но добро е што ФФМ се повлече и нивното извинување треба да се прифати.

КОГА ГО ЕЛИМИНИРАА РЕАЛ, СЕ ЗНАЕШЕ ДЕКА ЧЕЛЗИ ЌЕ БИДЕ ЕВРОПСКИ ШАМПИОН

Уште на 18 март, пред ждрепката за четвртфиналето во Лигата на шампионите, на Спортманија беше најавено дека европски првак ќе бидат Челзи или Реал, а не Баерн, Сити или некој друг тогашен фаворит.

Челзи по вторпат стана европски првак и потврди дека традицијата во спортот воопшто не е за потценување, колку тоа на теренот и да не им значи ништо на фудбалерите кога ќе започне натпреварот.

Во последните девет години, секогаш титулата во Лигата на шампионите оди кај тим кој има Хрват во своите редови. Од четвртфиналистите во ЛШ, Хрвати имаа само Реал Мадрид и Челзи. Матео Ковачиќ им донесе среќа на Сините. Да играше Реал во финале против Манчестер сити, тогаш тимот со Лука Модриќ во составот ќе славеше. Нема бегање. На Спортманија на 18 март, пред ждрепката за четвртфиналето, беше најавен овој исход, но малкумина сакаа да веруваат. Сега нека се каат што не уплатија навреме.

Трета година по ред, титулата оди кај тим кој има германски тренер. По Јирген Клоп и Ханси Флик, на листата се додаде Томас Тухел. Не е лошо клубовите почесто да си ангажираат германски стручњаци и да не прават како Пари Сен Жермен, кој го избрка Тухел среде сезона, а човекот со Челзи покажа дека е одличен фудбалски стратег и психолог.

Последните двајца тренери кои ги избрка ПСЖ, сезонава ги освоија ЛШ и Лигата на Европа (Унаи Емери). Парижаните треба да внимаваат кого отпуштаат, а клубот кој во иднина ќе го ангажира Маурисио Покетино по неговото заминување од клупата на ПСЖ, може да почне да го лади славеничкиот шампањ.

Сега малку и за губитниците во финалето. Манчестер сити беше фаворит на хартија, квотата за победа беше помала отколку за победа на Челзи, но на обложувачите никој не им кажа дека Граѓаните во финалето ќе играат без дефанзивен играч во средниот ред. Пеп Гвардиола не смееше да експериментира во толку важен меч.

Таа позиција која најчесто ја покрива Родри е многу важна. Во Челзи таму го имате Н’голо Канте, клучниот човек на Сините. Канте трча како навиен, покрива секаде, мајстор е да одземе топка, има и техника, знае да асистира, никому не му е лесно да игра против него. Челзи цела сезона во ЛШ прими само 4 гола, а Канте е човекот кој не им дозволува на ривалите да се доближат до голот. А, Гвардиола реши да не постави противтежа на Канте. Реал и со еден Каземиро беше немоќен против Канте, а камоли кога играте без последен играч за врска.

Победата на лондонските Сини е добра за маркетингот и популарноста на фудбалот во САД. Првпат имаме Американец кој освоил Лига на шампиони, тоа е Кристијан Пулишиќ, уште еден играч со хрватско потекло и доказ дека Хрватите носат среќа.

Сега следува период во кој ќе одмориме малку од клупскиот фудбал и ќе се фокусираме на репрезентациите, поточно на Европското првенство, но и на Копа Америка.

- Оглас -

Најнови вести