Македонската ракометна репрезентација загуби со 27:25 во контролен меч на гости од Хрватска, како подготовка за Светското првенство кое стартува следната недела. Дуелот се играше во Вараждин, градот кој ќе биде базата на македонската репрезентација.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров одиграа добар меч против големиот фаворит. На полувремето Македонија водеше со 14:13, а во второто полувреме Хрватска го превзема водството, но до последните минути беше неизвесно, за сепак на крајот Коцкестите да се радуваат на триумф.
По завршување на мечот, селекторот на Хрватска, Дагур Сигурдсон имаше многу забелешки на играта на неговите ракометари, како во нападот, така и во одбраната.
„Во првото полувреме одбраната беше ужасна, а шутот од надворешните позиции уште полош. Премногу грешевме. Вкупно, имаше многу негативни работи. Сепак, во второто полувреме одигравме подобро. Сигурно имаме уште поголем потенцијал и може да бидеме подобри. Нашата одбрана е посилна, но мора и во нападот да бидеме подобри. Имавме добра поддршка во Вараждин, се надевам дека ќе биде така и на дуелот против Словенија во Загреб“, беше реакцијата на селекторот на Хрватска по победата над Македонија.
Разочарани беа и ракометарите, а Марио Шоштариќ откри дека на полувреме од мечот добиле и лекција од капитенот Домагој Дувњак.
„Сигурно дека не смееме да ја повториме оваа игра. Не беше многу убаво во соблекувалната на полувреме. капитенот Дувњак ни кажа некои работи. мораме да бидеме многу подобри. Едноставно не бевме на потребното ниво. Им се извинуваме на навивачите“, рече Шоштариќ.
На Светското првенство на кое е домаќин, Хрватска е во група со селекциите на Бахреин, Аргентина и Египет. Македонија е во групата која ќе се игра во Вараждин, а наши ривали ќе бидат Унгарија, Холандеија и Гвинеја.