Јагуриновски во новата година очекува успеси со Вардар и Македонија, а оваа ќе се обиде да ја заврши со добитен хуманитарен тикет

Есенската полусезона во ракометното првенство заврши, а екипите на Вардар, Алкалоид и Еурофарм Пелистер покажаа дека ќе бидат главни кандидати во трката за трофеите во првенството и во Купот. За оние ракометари кои вчера се најдоа на списокот на селекторот Кирил Лазаров нема да има многу време за одмор затоа што ќе започне „Мисијата Светско првенство 2025 година“.

Меѓу оние кои се дел од составот на македонската репрезентација е и Томислав Јагуриновски. Десниот бек на Вардар вели дека ова било една жестока полусезона, но и тоа дека кога се работи за настап во македонскиот дрес, заморот се заборава.

СЕКОГАШ Е ПОСЕБНА ПРИВИЛЕГИЈА ДА СЕ ИГРА ЗА МАКЕДОНИЈА, А НЕМА ПОГОЛЕМ МОТИВ КОГА ТОА Е НА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО  

„На убав начин ја затворивме 2024 година со убедлива победа на Вардар. Сега имаме малку одмор, а веќе в недела ќе започнат подготовите за Светското првенство во Хрватска. Секако дека секогаш има посебен мотив кога се игра во националниот дрес, па така верувам дека сите кои ја добивме довербата од селекторот Лазаров, ќе го дадеме најдоброто од себе и ќе се обидеме да донесеме што е можно повеќе радост на нашите навивачи“, вели Јагуриновски.

На Мундијалот во Хрватска, Македонија е во иста група со Унгарија, Холандија и Гвинеја, а Јагуриновски е оптимист дека може да се направи резултат кој ќе ја израдува македонската јавност.

„Групата која ја имаме е по мерка. Мислам дека можеме да се надигруваме со сите ривали и се надеваме на добар резултат. Македонската репрезентација има убави спомени од претходниот настап на големо натпреварување во Вараждин, па се надевам дека и сега ќе биде така. Најпрво треба да ги одиграме трите меча од групната фаза, најголемиот фокус е на тие средби, а потоа, секако, би атакувале на поголеми успеси. Верувам дека во Вараждин ќе играме како дома и дека ќе има голем број наши навивачи на трибините“, оптимистички е расположен Јагуриновски во пресрет на планетарниот турнир.

За Јагуриновски ова ќе биде второ Светско првенство. Пред две години на Мундијалот немаше многу среќа затоа што уште на првиот меч против Норвешка заработи повреда и потоа беше надвор од составот. Популарниот Томи верува дека ќе биде многу подобро и за него и за Македонија на планетарниот собир во Хрватска од тоа што беше пред две години во Полска.

ВАРДАР ИМА СИЛИ ДА ОСВОИ ТРОФЕЈ СЕЗОНАВА

Освен репрезентативните предизвици, во 2025 година Јагуриновски ќе има и обврска на клупски план со Вардар а главен фокус е да се донесе трофеј во витрините на Црвено-црните. По првиот дел од сезоната Вардар има 14 победи и два пораза. Дома ги победуваше Пелистер и Алкалоид, но на гостински терен губеше од овие ривали. Вардар минатата сезона ја завршија без трофеј, а тоа треба да се коригира и оваа сезона барем со еден трофеј, дали тој од Купот или шампионскиот да заврши во витрините на најтрофејниот македонски ракометен клуб.

„Задоволен сум од полусезоната, можеше да биде и подобро, но сепак добро одигравме. Тимот е добро подготвен како на физички така и на психички план, што се покажа и на последното дерби против Пелистер, кога губевме со девет разлика на полувреме, но не се откажавме, продолживме да се бориме и на крајот малку фалеше да стигнеме и до реми. Трката за титулата ќе продолжи и во пролетниот период. Вардар заедно со Пелистер и Алкалоид имаат подеднакви шанси да се надеваат на освојување на титулата“, вели Јагуриновски.

Освен ракометот, Томи почесто следи и кошарка, и тоа натпреварите во Евролигата, а кога се работи за фудбалски дуели, ги гледа мечевите во Лигата на шампионите. Обложувањето не е негов „спорт“, но кога се работи за составување хуманитарен тикет, го прифати предизвикот да направи свои прогнози.

„Не се обложувам, но би било убаво сега тикетот да биде добитен и пред новогодишните празници да ги израдуваме оние на коишто им е потребна најголема помош во моментов“, заврши Јагуриновски.

- Оглас -

Најнови вести