Коњаспор и Гезтепе одиграа 1-1 во меч од турскиот фудбалски шампионат, резултат од кој позадоволни се гостите кои грчевито се борат за опстанок. Коњаспор на македонските интернационалци Адис Јаховиќ и Леонард Жута, се наоѓа на петто место, и пропушти прилика барем привремено да се искачи на четврто.
Напаѓачот Јаховиќ ги одигра сите 90 минути против својот поранешен клуб од кој дојде во Коњаспор, но не постигна гол и остана на бројката од шест погодоци во оваа сезона во турската лига. Левиот бек Жута заработи жолт картон, и беше повлечен од игра на полувремето. Стрелец на голот за домашните беше Петар Филиповиќ во 18 минута. Гезтепе изедначи во 54 минута преку Озтекин.
Коњаспор сезонава во 24 кола, има дури 11 нерешени игра, повеќе од нив има само Бурсаспор со 12, додека Гезтепе само по вторпат сезонава ремизираше на некој меч и остана во опасната зона која води во втора лига.