Поранешниот капитен на Манчестер сити и играч на Барселона, Јаја Туре, официјално објави дека се пензионира. Туре имаше блескава кариера, а сега најавува дека сака да биде тренер.
Фудбалерот кој четири пати во низа беше прогласуван за најдобар играч од Африка (2011, 2012, 2013 и 2014 година) ги има освоено речиси сите најзначајни трофеи. На репрезентативно ниво со Брегот на Слоновата Коска стана првак на Африка, а многу трофеи освои на клупски план.
Со Манчестер сити трипати беше првак во Премиер лигата, освои два Лига купа и еднаш се радуваше во ФА купот. Како дел од тимот на Барселона, двапати беше првак на Шпанија, а по еднаш ги креваше трофеите во Купот на Шпанија, Суперкупот на Шпанија, Лигата на шампионите, Суперкупот на Европа и Светското клупско првенство.
И како играч во дресот на Олимпијакос има титула во првенството и во Купот на Грција. Во кариерата има играно уште и за Монако и Металург Донецк, но сепак најдобрите моменти ги имаше во дресот на „граѓаните“ од Манчестер.