37.8 C
Skopje
понеделник, 11 август 2025

Јакимоски: „Верувавме во успех, среќата ги следи храбрите“

Фудбалската репрезентација на Македонија за играчи до 19 години постигна голем успех на квалификацискиот турнир во Полска и обезбеди пласман во Елитната рунда, во која ќе играат најдобрите 28 репрезентации во оваа возрасна категорија.

Македонија на стартот го совлада домаќинот Полска со 2-0, следуваше пораз во одлична игра од Германија со 3-1 и единствениот кикс беше во последното коло против Казахстан, кога нашите млади фудбалери одиграа само 1-1, но и тоа беше доволно за да се освои второто место во групата, веднаш зад Германија, а пред Полска и Казахстан.

„Честитки до моите фудбалери коишто одиграа одличен турнир во Полска. Не беше воопшто лесно да се игра против силните и моќни репрезентации на Германија и Полска. Потајно се надевавме дека можеме да оствариме успех и покрај тешката група во која се наоѓавме. Одработивме одлични подготовки, момците и на последниот пријателскиот дуел со А.П. Брера покажаа голем натпреварувачки дух, желба за надигрување и максимална посветеност. Голема поддршка имавме од Фудбалската федерација на Македонија, која ни овозможи максимални услови за подготовки и натпревари. Во првото коло од квалификацискиот турнир одигравме фантастичен меч против домаќинот, селекцијата на Полска, во кој успеавме да забележиме сосема заслужена победа. Радува фактот што моите фудбалери одиграа квалитетно и, пред сè, со голема самодоверба во текот на сите 90 минути против силен противник. Во второто коло се соочивме со силната Германија, одигравме одлично во поголемиот дел од мечот, но на крајот не успеавме да извлечеме позитивен резултат. Знаеме сите за големината на Германија, која на овој турнир располагаше со по двајца квалитетни фудбалери на секоја позиција, додека ние и пред самиот почеток на квалификациите се соочивме со одредени потешкотии околу составот, со оглед на тоа што неколку фудбалери кои беа планирани, не беа во можност да се стават на располагање на репрезентацијата. Во последното коло бев принуден да направам неколку измени, со оглед на тешките и исцрпувачки мечеви со Полска и Германија. Добро го започнавме натпреварот, но по примениот гол паднавме во играта. На крајот, Зенделовски постигна феноменален погодок кој ни донесе значаен бод во борбата за тоа второ место. На крајот имавме и среќа, но среќата ги прати храбрите, а ние на крајот по сè она што го покажавме, сосема заслужено се пласиравме во следната елитна фаза. Имаме доволно време да се подготвиме за елитната фаза квалификации кои се во март. Ќе одработиме подготовки, нè очекуваат и неколку пријателски средби во кои ќе ја темпираме формата за предизвикот што нè очекува во следната фаза од квалификациите“, вели селекторот Тони Јакимоски во изјава за сајтот на ФФМ.

- Оглас -

Најнови вести