Јамајка има нов Болт, 100-ка истрча побрзо од било кој друг во последните десет години (Видео)

Јамајканската „Молња“ Јусеин Болт е легенда на атлетиката, одбележа една ера во спринтот и ги држи трите најбрзи времиња на 100 метри во историјата, а сега во Јамајка се појави потенцијален негов наследник, Кишејн Томпсон.

Болт немаше ривал во негово време и никогаш нема да дознаеме што ќе беше ако  имаше сериозен конкурент кој ќе го тераше да трча до границите на можностите. Кога го постави светскиот рекорд, Болт имаше само 22 години и сигурно дека можел уште побрзо.

Можеби таа среќа ќе ја има Томпсон кој лани за малку не го освои олимпиското злато во Париз, а сега на првенството на Јамајка истрча 100 метри за 9,75 секунди. Ова е најбрзо истрчана стотка од 2015 наваму.

Со други зборови, никој не трчал толку брзо откако Болт се пензионираше.

Овие 9,75 го качија Томпсон на шестото место на вечната листа. Побрзо од него трчале само Болт (светски рекордер со 9.58), Тајсон Геј, Јохан Блејк (9,69), Асафа Пауел (9,72) и Џастин Гетлин (9,74).

Во септември во Токио е Светското првенство во атлетика и светот ќе го чека финалето на 100 метри во кое Томпсон кој покажа дека е во топ форма, ќе го предизвика актуелниот првак Ноа Лајлс.

- Оглас -

Најнови вести