Незадоволството околу судењето на мечевите во шпанското првенство го прокоментира и младата ѕвезда на Барселона, Ламин Јамал. Тинејџерот кој уште нема наполнето 18 години, а веќе има одиграно 100 натпревари во професионалниот фудбал (82 меча за Барселона и 18 за шпанската репрезентација), даде свое мислење околу многуте негодувања што ги имаше посебно од фудбалерите на Реал Мадрид по последните лоши резултати на Кралскиот клуб.
„Мислам дека работата на судиите е многу тешка затоа што без разлика која одлука и да ја донесат, постојано ќе има некој што ќе биде незадоволен. Клубови како што се Барселона, Реал Мадрид и Атлетико не треба да се жалат на судењето. Арбитрите се обидуваат да има што е можно помалку грешки“, рече Јамал, кој додаде дека во соблекувалната на Барселона воопшто не го коментирале или анализирале писмото кое Реал Мадрид го упати поради незадоволството од лошото судење.
„Ние сме фокусирани за тоа како ние да победуваме на мечевите на кои треба да играме. Не посветуваме внимание на некои други работи“, додаде тинејџерот.