Шпанија е единствената репрезентација на Европското првенство која реди само победи. Во трите дуели од групната фаза, Црвената фурија освојуваше по три бода, а синоќа убедливо со 4:1 ја победи и Грузија во меч од осминафиналето.
Еден од лидерите на оваа селекција е Ламин Јамал, момчето кое има само 16 години. Јамал веќе постави рекорд како најмлад фудбалер кој некогаш се појавил на ЕП, но тој не само што се заигра на турнирот туку е и една од главните алки во играта на Шпанија.
Многумина веќе започнаа да го споредуваат Јамал со Лионел Меси, бидејќи двајцата уште како тинејџери започнаа во Барселона, тимот кој ги спојува.
„Не може да се споредувам со Меси. Тој е најдобриот фудбалер во човековото постоење и нема место за споредба. Никој не може да се споредува со него, па ни јас. Само што започна мојата кариера и се надевам дека ќе остварам барем половина од тоа што тој успеал да направи“, вели Јамал.
Се очекува во новата сезона токму Јамал да го добие дресот со бројот 10 во Барселона.