Ламин Јамал, едно од најголемите имиња во актуелната генерација на Барселона, наполни 18 години, возраст на која стапува на сила неговиот прв професионален договор, а од клубот ќе добие и симболичен, но исклучително значаен подарок – дресот со број „10“, кој долго време го носеше Лионел Меси.
Јавноста првпат слушна за Јамал пред нешто повеќе од две години, кога тогашниот тренер Чави Ернандес го внесе во игра против Бетис. Оттогаш, неговиот подем е неверојатен – до 18-годишна возраст тој веќе е европски шампион со Шпанија, има две титули во Ла Лига, како и Куп и Суперкуп на Шпанија. Само легенди како Пеле и Марадона имаат слични достигнувања на толку млади години.
Интересен факт е што Ламин Јамал веќе има 106 настапи за Барселона, повеќе од Пеле (71) и Марадона (91) до нивната 18-та година. Притоа, има постигнато 25 голови и запишано 27 асистенции.
Иако Пеле, освен што блескаше со Сантос, стана и светски шампион со Бразил на 17 години, а Марадона беше најдобар стрелец во аргентинската лига на 18 години, Јамал се вбројува во таа исклучителна група фудбалери што го освојуваат фудбалскиот свет додека сè уште се тинејџери.
Со дресот со број „10“ и поддршка од клубот, Барселона очекува Јамал да продолжи да го гради својот пат кон фудбалска бесмртност.