Јамал откри кој му бил идол во детството, а тоа не е Лионел Меси

Ламин Јамал ја изненади фудбалската јавност со својот одговор на прашањето кој му бил идол од фудбалерите во детството бидејќи сите очекуваа дека ќе каже Лионел Меси, но тоа не се случи.

Јамал важи за еден од најдобрите фудбалери во светот во моментов, а иако има само 17 години, веќе успеа да направи некои импресивни нешта.

Минатата сезона неочекувано доби шанса од Чави Ернандес во Барселона и со 16 години ја воодушеви фудбалската планета со своите настапи.

Набргу потоа доби повик во репрезентацијата на Шпанија, а летово беше еден од најзаслужните за освојувањето на златниот медал на Европското првенство во Германија.

Јамал исто така е и во конкуренција за Златната топка, а по тој повод даде интервју за „Франс фудбал“.

Едно од прашањата што привлече најмногу внимание беше кој му бил идол на Јамал во детството кога станува збор за фудбалерите.

Навивачите на Барселона, но и поголемиот дел од фудбалската јавност очекуваа дека без двоумење ќе каже дека тоа е Лионел Меси, но Јамал ги изненади со сосема поинаков одговор.

„Мојот идол во детството беше Нејмар. Иако Лео Меси беше најдобар, сакав да го гледам Нејмар како игра и се обидував да ги научам сите негови трикови“, изјави Јамал.

„Се сеќавам кога почнав да гледам фудбал, Нејмар уште играше за Сантос, а во Барселона беа Меси, Давид Вилја и Педро. Тоа се првите спомени кои ме врзуваат за фудбалот и кои ги паметам од детството. По училиште ќе се соберевме кај пријател бидејќи тој имаше компјутер на кој можевме да гледаме видеа од Нејмар и неговите потези. Седевме таму со часови и само гледавме што прави со топката“, објасни новата ѕвезда на Барселона.

- Оглас -

Најнови вести