Јан Облак се враќа во вистински момент, за дуелите против Барселона во ЛШ

Вториот капитен на Атлетико Мадрид, Јан Облак, заедно со младите фудбалери Марк Пубил и Родриго Мендоса, повторно се приклучија на тренинзите, пренесуваат шпанските медиуми.

Тимот на Диего Симеоне активно се подготвува за првиот четвртфинален дуел во Лигата на шампионите против Барселона, кој е закажан за в среда. Сепак, настапот на тројцата фудбалери сè уште не е целосно сигурен, иако постојат добри шанси да бидат подготвени.

Облак последен пат настапи на 10 март, кога Атлетико славеше со 5-2 против Тотенхем во првиот осминафинален натпревар од елитното натпреварување. Враќањето на голманот е од големо значење за тимот, особено ако се има предвид дека во негово отсуство екипата прими осум гола на четири натпревари во сите конкуренции.

Неизвесен за натпреварот е и Хосе Марија Хименес, кој заработи удар при поразот од 1-2 од Барселона во саботата, во шпанското првенство.

Според најавите од шпанските медиуми, Хименес најверојатно нема да започне на „Камп ноу“, па тренерот Диего Симеоне би можел да се одлучи за тандемот Робин ле Норман и Давид Ханцко во срцето на одбраната.

- Оглас -

Најнови вести