Кошаркарите на Панатинаикос синоќа на домашен терен во „ОАКА арена“ доживеаја пораз од најголемиот ривал Олимпијакос со 82-87 во 19-тото коло од Евролигата.
Со ова, Зелено-белите претрпеа десетти последовен пораз од Црвено-белите од Пиреја, што многу го погоди претседателот на клубот, Димитрис Јанакопулос.
Веднаш по натпреварот, тој порача дека „ништо не било на сила со играчите“, но денес продолжи со критики, испраќајќи им нова порака.
„Почитувајте го клубот и своите договори, илјадници навивачи поради вас не спиеле. Во минатото бев многу строг кога станува збор за дисциплина и однесување надвор од теренот. Можеби и најстрог од сите сопственици на клубови во Европа. Постојат натпревари чија важност мора да ја сфатиме“, изјави Јанакопулос, а потоа стана уште поостар.
„Некои работи не можам да ги прифатам. Знам кој конзумирал алкохол, колку и кога. Нема да споменувам имиња, но знам кои се. Пред два дена бевте пијани во пет наутро. Тоа не можам да го прифатам“, заклучи револтираниот Јанакопулос.

