Чедомир Јаневски одлично се прилагоди на клупата на новиот тим Олимпијакос од Никозија и по денешната победа против Кармиотиса со 3:0 има шанси да ги предводи своите избраници и во плејофот во кипарското првенство.
Последниот дуел и за него и за играчите на Олимпијакос во регуларниот дел од шампионатот ќе биде на 19. февруари против АЕК Ларнака.
Интересно за АЕК играат тројца наши репрезентативци, Иван Тричковски, Стефан Спировски и Даниел Мојсов, а Јаневски им беше селектор, во ерата кога беше кормилар на македонската репрезентација.
Сега македонскиот трилинг ќе му биде последната пречка кон пат во плејофот и битката за титулата во Кипар. Јаневски сега има биланс од две победи, едно реми и еден пораз, откако пристигна како нов тренер на Олимпијакос.
Тимот моментно е на шестата позиција, последна што води во доигрувањето за титулата. АЕК веќе обезбеди настап во плејофот.