Јаник Синер двапати бил позитивен на допинг-тест!

Меѓународната тениска агенција за интегритет (ИТИА) во соопштение откри дека моментално најдобриот тенисер во светот според АТП-листата, Јаник Синер, двапати бил позитивен на недозволената супстанца клостебол.

Двете тестирања биле во март оваа година, а од ИТИА потенцираа дека Синер не сноси вина и одговорност за позитивните наоди од тестирањето бидејќи во двата случаи жалбата му била уважена. Италијанскиот тенисер е ослободен од какво било дело иако во телото имал траги од супстанцата клостебол.

Контаминацијата со клостебол се случила по третман кој го добил од својот терапевт. Синер постојано соработувал во текот на случајот, а независниот суд одлучи дека тенисерот е невин.

Во двата случаи споменатиот метаболит е пронајден во мали количини, а по прифатените две жалби, Синер може непречено да продолжи да се натпреварува. Тенисерот во изјавата во која го понудил објаснувањето рекол дека еден член на неговиот тим ставал спреј на мала рана на неговото тело, а тој спреј содржел клостебол.

Физиотерапевтот Џакомо Надли имал повреда на малиот прст на неговата рака и била третирана со спрејот, а во периодот од 5 до 13 март постојано го третирал Синер и имал физички контакт со него, па супстанцата едноставно била префрлена кај тенисерот.

Поради антидопинг-правилата, Синер ќе добие казна со одземање 400 АТП-поени, кои секако нема многу тешко да му паднат. Тој е лидер на АТП-листата дури со 2.300 поени повеќе од второпласираниот Новак Ѓоковиќ и 2.400 поени повеќе од третиот Карлос Алкарас.

Синер утрово триумфираше на Мастерс турнирот во Синсинати.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести