Јанис буквално прави сè за го задржи Милвоки на првото место на Истокот, против Торонто испорача трипл-дабл (Видео)

Кошаркарите на Милвоки бакс го совладаа Торонто репторс со 118:111 благодарение на првата ѕвезда на екипата, Јанис Адетокумбо, кој оствари трипл-дабл.

Одлучувачки момент беше серијата на Милвоки од 13:2 во последната четвртина, со која од 91:95 поведе со 104:97 и предноста ја задржа до крајот на мечот.

Најзаслужен за победата беше Јанис Адетокумбо, кој го оствари 33-тиот трипл-дабл во кариерата, и тоа со 22 поена, 13 скока и 10 асистенции. Одлична партија прикажа и Брук Лопез, кој 17 од своите 26 поени ги даде во последната четвртина. Милвоки е лидер во Источната конференција со 51 победа и 20 порази, додека второпласираната Филаделфија има скор 48-22 и се наоѓа во серија од осум победи по ред.

ЛА Лејкерс остварија важна победа во борбата за плејин-турнирот откако со 111:105 беа подобри од Орландо меџик.

Ова беше седма победа по ред во меѓусебните пресметки за Лејкерси, а во отсуство на повредениот Леброн Џејмс, најдобар беше Остин Ривс со 35 поени. Дианџело Расел даде 18, а Ентони Дејвис 15 поени, додека кај Орландо се истакнаа првиот избор од драфтот, Паоло Банкеро и Франц Вагнер, кои дадоа по 21 поен.

ЛА клиперс предводени од Пол Џорџ и Кавај Ленард, кои заедно дадоа 53 поени, славеше со 117:102 против Портланд трејлблејзерс, додека Њу Орлеанс пеликанс исто така даде 117 поени во победата над Хјустон рокитс.

Резултати: Хјустон – Њу Орлеанс 107:117, Милвоки – Торонто 118:111, Портланд – ЛА клиперс 102:117, ЛА лејкерс – Орландо 111:105, Детроит – Мајами 100:112.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести