Ноќеска во НБА лигата беа одиграни само три меча, а во фокусот беше пресметката меѓу Атланта и Милвоки. Богдан Богдановиќ го одигра најдобриот натпревар сезонава и за 42 минути поминати на паркетот постигна 38 поени, зачинети со 10 скока и 4 асистенции. Сепак, тоа не беше доволно неговата Атланта да победи против Бакси, во чии редови блескаше Јанис Адетокумбо.
Грчкиот центар имаше скор од 36 поени, 16 скока и осум асистенции, предводејќи го Милвоки до нова победa. Милвоки доминираше во најголем дел од мечот. Во средината на втората четвртина, гостите поведоа со 58:40 и потоа до крајот на дуелот ја одржуваа високата предност и заслужено стигнаа до 47 победа во 74 меч.
По завршување на дуелот, Богдановиќ и Адетокумбо направија потег кој е вообичаен за фудбалерите во Европа, но во САД е нетипичен. Двајцата Балканци си ги разменија дресовите што наиде на големо внимание во американските медиуми.
https://twitter.com/i/status/1774259301537706001
Во останатите два меча кои се играа ноќеска, Бостон на гости го победи Њу Орлеанс со 104:92, а Орландо славеше против Мемфис со 118:88.