Јанис во небрано: Ако стигне до финале во НБА, нема да игра на квалификациите за ОИ

Најкорисниот играч во НБА лигата од минатата сезона, Јанис Адетокумбо, оваа година е дополнително мотивиран да направи чекор повеќе и да стигне до самото финале, па и до титулата во најатрактивната кошаркарска лига во светот. Сепак, неговата желба да успее со Милвоки, може да биде од голема штета за грчката репрезентација.

Имено, Грција во Канада ќе се бори за пласман на ЛОИ во Токио, противници ќе им бидат селекциите на Канада и Турција. Квалификацискиот турнир е закажан во периодот од 23 до 28 јуни, односно почнува само два дена по најдоцниот термин од финалната серија во НБА лигата. Доколку Милвоки стигне до финалето, популарниот Грик Фрик нема да може да ѝ помогне на својата репрезентација, а тоа многу добро го знае и селекторот Рик Питино.

„Уште е рано да зборуваме дали Јанис ќе биде дел од нашиот состав за квалификациите. Секако дека сакаме да стигне што подалеку во разигрувањата, ако биде во можност и да го освои шампионскиот прстен. Засега добро му оди во таа намера, Милвоки се најдобри на Истокот и многу веројатно ќе ги гледаме во битката за титулата. Но, доколку се случи тоа, тогаш Адетокумбо речиси сигурно нема да игра за националниот тим, што значи дека ќе ни биде многу потешко да ја оствариме нашата цел. Играме против селекциите на Турција и Канада, кои исто така имаат голем број на играчи во НБА лигата, па дали тие ќе бидат комплетни или не, зависи од распоредот на самата НБА лига“, истакна Питино.

- Оглас -

Најнови вести