Норвежаните извојуваа „еден-два“ победа на денешниот машки спуст на Светското првенство во шведски Оре. Златото му припадна на Кјетил Јансруд, додека среброто го освои Аксел Лунд Свиндал, на кого ова му беше последна трка во кариерата. Јансруд кој со 33 години и 165 дена е најстар светски првак во спуст во историјата, за само 2 стотинки беше побрз од сонародникот кој денеска ја заврши кариерата.
Бронзен е Винсент Крихмаер од Австрија, со 33 стотинки послабо време од победникот. Спуст трката беше обложувана двапати, бидејќи имаше густа магла во горниот дел на патеката и видливоста беше лоша, а паѓаше и силен снег. Кога конечно се создадоа минимум услови за безбедно одвивање на трката, најдобро се снајдоа Норвежаните.
За Јансруд ова е прво злато од СП, а има златен медал од олимпискиот суперџи во Сочи 2014 година. Свиндал за малку не стана првиот скијач со три први места на СП во спуст, тој има медали од шест светски првенства, па 36-годишниот ветеран е задоволен со тоа на каков начин ја заврши кариерата. Утре на женскиот спуст, се очекува простување и на Американката Линдзи Вон која се мачи со повреди и реши да се повлече после спустот на СП во Оре.