Македонскиот женски одбојкарски првак, Јанта Волеј Кисела Вода, успешно ја мина првата пречка во квалификациите во ЦЕВ Лигата на шампионите, а во рамките од третото коло денес во 18 часот, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје го пречекува францускиот претставник Волеро ле Кан.
Девојките на Јанта одново ќе се обидат да го искористат домашниот терен како стартна предност за нов европски успех, иако во таборот се свесни дека сега ги очекува многу посериозен противник.
„Подготвени сме за предизвикот, иако како и за првите натпревари, така и сега остануваме скромни во изјавите и очекувањата. Волеро е многу поквалитетен противник од Гацко, со многу интернационалки во составот, но тоа е и клуб кој доаѓа од многу поквалитетно првенство, а има и долга традиција во настапите на европската сцена, за разлика од нас. Потребна ќе ни биде комплетно нова стратегија во играта. Ние ги анализиравме, но немаме комплетно јасна слика за нив, многу работи ќе бидат познати по првиот меч. Фокусирани сме на нашата игра, најважно ќе биде девојките да одиграат најдобро што можат, да го дадат максимумот, па ако освоиме сет-два или ако стигнеме до малку повеќе, сето тоа е во наш прилог“, коментираше на средбата со медиумите Никола Јаневиќ, тренерот на Јанта Волеј КВ.
Одбојкарките се подготвени да докажат дека не случајно се радуваа во двомечот со Гацко во претходната рунда.
„Престојниот двомеч е одлична можност за Јанта Волеј КВ да покаже дека не случајно ја мина првата пречка во Лигата на шампионите. Ние сме задоволни со самиот факт дека испишавме историја, но исто така и свесни дека можеме уште да дадеме. Ме радува што имаме силен противник пред нас затоа што тоа ќе донесе уште поголема мотивираност за игра на теренот, да се даде максимумот и да се понуди силен отпор. Имаме убава атмосфера, хемија и сплотеност во екипата и зошто да не приредиме изненадување!? Очекуваме и публиката да дојде и да нè поддржи во уште поголем број од првиот натпревар. Таа ни беше ветер во грб и мотив и се надевам дека така ќе биде и денес“, вели капитенот на тимот, Тамара Тасевска.
Интернационалната одбојкарка Ана Старчевиќ, која беше една од најефикасните во првите два дуели, го дели мислењето со Тасевска.
„Настапот во Лигата на шампионите е едно убаво искуство за нашиот млад тим. Немаме високи резултатски очекувања, туку се фокусираме на тоа да одиграме најдобро што можеме и да потврдиме дека сме со причина во третото коло. Во спортот, особено во женската одбојка, изненадувања постојат. Ако одиграме на посакуваното високо ниво, никогаш не се знае. Ние сме оптимисти!“, додава Старчевиќ.
Влезот во СЦ „Јане Сандански“ повторно ќе биде слободен за сите симпатизери на клубот и за сите љубители на одбојката.

                                    