15.8 C
Skopje
петок, 11 јули 2025

Јануари му беше „посен“, Роналдо одвај чека да им се врати на головите

Најефикасниот активен фудбалер, а можеби и во историјата, Кристијано Роналдо, во новата 2021 година не блеска како што тој би посакувал, постигна само четири гола, па затоа завршувањето на „малерозниот“ јануари е добра вест за него и за тимот на Јувентус.

Јануари беше месец во кој Јуве загуби од Интер во Милано и месец во кој Португалецот не беше во форма, даваше гол во просек на секои 165 минути игра, што е премалку за неговите можности и стандарди. До декември Роналдо даваше гол на секои 74 минути игра. Најпозитивен момент на Кристијано во јануари му беше победничкиот гол во Суперкупот против Наполи.

Аналитичарите во Италија сметаат дека на Роналдо му пречи постојаното ротирање на неговите партнери во нападот. Прво играше во тандем со Дибала и само што се навикна, сега најчесто е покрај Дејан Кулушевски или Алваро Мората. Сите тројца се различни типови играчи, различно се движат, па и тоа има негативен ефект врз ефикасноста на Роналдо.

Вечерва Роналдо има нова прилика да го зголеми својот број на голови во кариерата, и тоа во куп-меч против ривалот Интер. Тој сигурно ќе биде мотивиран да даде гол, но има некои неофицијални најави дека Кристијано можеби нема да биде стартер и дека би играл само ако има голема потреба. До пред самиот меч нема да се знае дали Роналдо ќе се најде во почетниот состав. Ако треба тој да бира, сигурно ќе биде на терен, но тренерот Андреа Пирло сака некогаш и да го поштеди, пролетва следуваат најважните мечеви.

- Оглас -

Најнови вести