Јао Минг се повлече од кормилото на кинеската кошарка

Јао Минг, некогашниот кошаркар на Хјустон рокетс во НБА-лигата, поднесе оставка од функцијата претседател на Кошаркарската федерација на Кина (ЦБА).

Минг во мај годинава ја напушти функцијата претседател на Кошаркарскиот менаџмент центар на Кина, кој го управува ЦБА, пренесе порталот „Јурохупс“.

На неговото место претседател ќе стане досегашниот потпретседател Гуо Женминг.

Минг беше избран за претседател на ЦБА во февруари 2017 година, а неговиот мандат беше продолжен во 2022 година.

За време на неговиот мандат, машката репрезентација на Кина не успеа да се квалификува на Олимписките игри во 2021 и 2024 година, додека женската репрезентација заврши на петтото место во Токио 2021 и на деветтото место во Париз оваа година. Женската репрезентација освои сребрен медал на Светското првенство 2022 и два златни медали на Азиските игри.

Јао Минг (44) играше за Хјустон во НБА од 2002 до 2011 година и беше избран осум пати за Олстар. По завршувањето на неговата кариера, Хјустон го повлече дресот со бројот „11“ што го носеше прославениот центар.

Со кинеската репрезентација, Минг освои три златни медали на Азискиот куп и стигна до четвртфиналето на Олимписките игри во 2004 и 2008 година.

- Оглас -

Најнови вести