На кошаркарскиот олимписки турнир, Франција одвај ја победи Јапонија со 94-90 и тоа дури по продолжение од пет минути.
Во регуларниот дел од средбата која заврши со 84-84, Јапонците имаа напад за победа, но шутот за тројка на Јуки Кавамура беше непрецизен и Французите се спасија од шокантен пораз.
Потоа во продолжението, Виктор Вембањама имаше блесок со осум поени по ред, со кои ја најави победата на својата селекција. Вемби во регуларните 40 минути даде само 10 поени, а потоа за неколку минути во екстра периодот уфрли 8.
Јапонците не се предаваа, погодија две тројки за намалување на минус два, но сепак Франција дојде до втората победа која речиси сигурно ги носи во четвртфиналето, а во следното коло против Германија ќе се борат за првото место во групата.