Репрезентациите на Шпанија и Јапонија се првите два четвртфиналисти на женското Светско фудбалско првенство кое се игра во Австралија и Нов Зеланд. Двете селекции кои беа во иста група, без многу проблеми ги победија Швајцарија, односно Норвешка и се дел од осумте најдобри на Мундијалот.
Шпанија уште во првото полувреме ги реши сите дилеми против Швајцарија. Црвената Фурија имаше предност од 4:1 по првите 45 минути, а во вториот дел со уште еден погодок само ја потврдија доминацијата за конечна победа од 5:1.
Јапонките кои беа перфектни во групната фаза со девет бода и ниту еден примен гол, ја оправдаа фаворитската улога против Норвешка. По првото полувреме беше 1:1, но во вториот дел Јапонките беа подобри и најпрво во 50 минута поведоа со 2:1, а во 81 минута со третиот погодок ги решија сите дилеми околу победникот.
Во следните три дена ќе се знаат и преостанатите шест четвртфиналисти.