30.8 C
Skopje
петок, 25 јули 2025

Јапонците сакале да ја изиграат Барселона, каталонскиот гигант го откажа мечот од азиската турнеја

Фудбалерите на Барселона ќе го поминат главниот дел од подготовките за новата сезона на азиска турнеја, но деновиве се соочија со неочекувани проблеми и вистински скандал.

Според „Марка“, Барселона била жртва на заговор во Јапонија и морала да го откаже пријателскиот натпревар против Висел Кобе.

Барселона објави дека го откажува патувањето во Јапонија поради „сериозно прекршување на договорот“ од страна на промотерите D-DRIVE и Yasuda Group, кои требаше да го организираат натпреварот.

Групацијата „Јасуда“ постојано поднесувала невалидни и фалсификувани документи за организацијата на натпреварот, заведувајќи го организаторот со лажно тврдење дека исплатата на одредени средства наменети за организацијата на натпреварот веќе била извршена во Јужна Кореја.

„ФК Барселона објавува дека е принудена да го откаже учеството на натпреварот закажан за следната недела во Јапонија поради сериозни прекршувања на договорот од страна на организаторите. Сепак, клубот ја разгледува можноста за прилагодување на делот од летната турнеја во Јужна Кореја, каде што се закажани два натпревари против ФК Сеул (31 јули) и ФК Даегу (4 август), доколку промотерот исполни одредени услови. Доколку овие услови бидат исполнети, клубот ќе патува во Јужна Кореја во наредните денови. ФК Барселона жали за овој инцидент и за влијанието што ќе го има врз бројните навивачи на Барса во Јапонија“, соопшти Барселона.

Значи, Барса го обвини D-DRIVE за прекинот на турнејата во Азија, но нивниот директор Сеул Хам ја префрли одговорноста на групацијата Јасуда.

Патем, Јасуда е главен спонзор на ривалот на Барса во Ла Лига, Реал Сосиедад, а Хам тврди дека тие намерно ја измамиле неговата компанија D-DRIVE, официјалниот промотор на азиската турнеја на Барса ова лето.

„Добивме аудиоснимка од вработен во ‘Јасуда груп’ во која се наведува дека нивниот извршен директор на крајот не ги испратил парите, што јасно потврдува намерна измама“, тврди Хам, велејќи дека Барселона постапила правилно со откажувањето на натпреварот.

- Оглас -

Најнови вести