Јарецот Хенес Први влезе во Куќата на славните на Келн

Германскиот фудбалски клуб Келн му додели значајно место на својот прв талисман, Хенес Први, во клупската Куќа на славните 57 години по добивањето на јарецот-талисман од циркус, пренесува агенцијата ДПА.

Од Келн велат дека го добиле јарецот во 1950 година по повод втората годишнина од основањето на клубот на 13 февруари 1948 година. Тој бил наречен Хенес, во чест на нивниот поранешен фудбалер и тренер, Хенес Вајсвајлер.

Келн е двократен шампион на Бундеслигата, но во моментов се натпреварува во Втората Бундеслига, каде што е лидер на табелата. Клубот ја одржува традицијата со веќе деветта генерација на талисманот, актуелниот Хенес Деветти.

„Хенес е од исклучителна важност како фигура за идентификација и популарен симбол на ФК Келн“, изјави претседателот на клубот, Вернер Волф.

„Неговата популарност значително придонесува за тоа, независно од спортската ситуација, година по година, во Келн и надвор од градот многу луѓе од најрана возраст да го засакуваат ФК Келн и да остануваат верни на клубот до крајот на животот“, додаде Волф.

Хенес Први го придружувал тимот речиси на секој натпревар до почетокот на 60-тите години, прво во автобусот на тимот, а потоа во специјална приколка. Подоцна, поради новите правила, јарецот присуствувал само на домашните натпревари и починал во 1966 година. Хенес Деветти ја презеде оваа улога во 2019 година.

Куќата на славните на Келн ги вклучува легендите на клубот, како Хенес Вајсвајлер, Волфганг Оверат, Волфганг Вебер и Хајнц Флое.

- Оглас -

Најнови вести