Напаѓачот на Јувентус, Аркадиуш Милик, го продолжи договорот со италијанскиот клуб до 2027 година.
„Јувентус соопштува дека постигна договор за продолжување на договорот со Аркадиуш Милик до 30 јуни 2027 година“, стои во официјалното соопштение на клубот.
Милик пристигна во Јувентус како позајмен играч од Олимпик Марсеј во 2022 година, а клубот од Торино го откупи неговиот договор во јуни 2023 година.
Полскиот напаѓач има постигнато 17 голови на вкупно 75 натпревари за Старата дама, но оваа сезона сè уште нема настапено поради повреда.
Продолжувањето на договорот со Милик дополнително ги поттикна гласините дека српскиот репрезентативец Душан Влаховиќ ќе го напушти Торино на крајот од сезоната, кога ќе влезе во последната година од својот договор.
Јувентус не смее да си дозволи да го загуби Влаховиќ без обештетување во летото 2026 година, поради што италијанските медиуми уверуваат дека неговото заминување е извесно по три и пол години поминати во клубот.