Јасна порака од Нов Зеланд: Прифаќаме дуелот со Иран да се игра во Мексико

Репрезентацијата на Иран е во група со Нов Зеланд, Белгија и Египет на Светското првенство и своите натпревари треба да ги игра на територијата на САД. Откако и двете земји се вклучени во воените дејствија на Блискиот Исток, Иранците побараа нивните натпревари да бидат преместени и да се играат во Мексико, а засега од ФИФА има молк по ова прашање.

Двајца фудбалери на Нов Зеланд, селекција која треба да игра против Иран на Мундијалот, изразија подготвеност да играат во Мексико и дадоа поддршка на противникот.

„Тие заслужуваат да бидат таму бидејќи се квалификуваа. Ако треба да играме против нив во Мексико или Канада, ќе го направиме тоа. За мене тоа не е некаков голем проблем“, изјави играчот од средниот ред на Нов Зеланд, Рајан Томас.

Базата на селекцијата од Океанија ќе биде во Сан Диего, што е многу блиску до Мексико, па нема да претставува голем проблем за нив.

„Не мислам дека тоа воопшто ќе ги наруши нашите подготовки. Имаме база пред првиот натпревар, па не гледам зошто тоа би било проблем. Разбирам дека луѓето може да бидат загрижени, но со оглед на големината на настанот, навистина би сакал моето семејство да биде таму. Би се чувствувал безбедно ако се со мене. Не мислам дека би сакале да го пропуштат тоа“, рече крилниот напаѓач на Нов Зеланд, Коста Барбарусес.

- Оглас -

Најнови вести