На два дена пред дербито со Работнички, екипата на МЗТ Скопје Аеродром остана без македонскиот репрезентативец Марко Симоновски откако двете страни денеска со взаемна согласност и на обострано задоволство потпишаа раскинување на договорната соработка.
Искусниот бек-шутер од 2016 година беше дел од тимот и имаше свој придонес во последните две шампионски титули на клубот, како и на таа во 2015 година, во својата прва сезона во сино-белиот дрес.
МЗТ Скопје му се заблагодарува на сѐ што досега прикажа и му посака сѐ најдобро во продолжението од кариерата. Симоновски синоќа го немаше во составот на дуелот со Широки и веќе почнаа шпекулациите дека е можно да си замине, а тоа денеска се потврди. Наскоро Симоновски ќе засили некоја од останатите прволигашки екипи кај нас, а МЗТ во ротацијата губи важен домашен играч.