Турскиот центар Самет Јигитоглу (18 години) повеќе не е член на МЗТ Скопје Аеродром откако неговиот менаџерски тим ја плати откупната клаузула предвидена во договорот и реши да го врати во Турција, и тоа најверојатно во матичниот Бешикташ, соопштија од македонскиот првак.
Високиот центар минатата сезона ја мина во нашиот втор тим, а летово доби шанса да се покаже и во најдобриот состав, и тоа во АБА-лигата. Јигитоглу одигра неколку добри средби во регионалното натпреварување, пред сè, дуелите против Црвена ѕвезда во Белград (12 поени и 14 скока), СЦ Дерби во Скопје (13 поени и седум скока) и ФМП во Белград (15 поени и пет скока).
Но, на последните седум меча во АБА постигна вкупно 22 поени, што на 14 одиграни средби му донесе просек од 5,7 поени и 4,5 скока.
„МЗТ Скопје Аеродром му се заблагодарува на Јигитоглу на тоа што го прикажа во сино-белиот дрес и му посакува сѐ најдобро во понатамошната кариера“, потенцираат од МЗТ.