Кил со пресврт во второто полувреме успеа да го победи Вардар во „Јане Сандански“ со 29:26. Тренерот на гостите, Филип Јиха, посебно е радосен затоа што неговиот тим победил во една ваква атмосфера која ја нарече „дива“.
„Секогаш е посебно да се игра во една ваква атмосфера, која е дива. Посебно сум задоволен од второто полувреме. Во првиот дел бевме емоционално паднати, промашивме многу лесни шутеви. Не очекував да одиграме толку лошо во првото полувреме, а секако, причина за тоа е и атмосферата која нè пречека. Ни требаше време да се прилагодиме на атмосферата. Среќни сме за двата освоени бода против силен ривал“, рече стратегот на Кил, Филип Јиха.
Ландин вели дека Кил одиграл две различни полувремиња и дека е среќен за победата на теренот каде што ретко кој успева да излезе триумфално.
„Секогаш е задоволство да се игра тука. Не секој може тука да победи. Беа две многу различни полувремиња. Во првиот дел пропуштивме многу шанси, но во вториот дел тоа го коригиравме“, рече Ландин Јакобсен Магнус веднаш по мечот.