Jingle bells, на титула smells, Јиргенпул all the way!

„Гори интернетот“… Лавина од различен тип коментари фрчат на сите страни по триумфот на Ливерпул во тесната пресметка против Вулверхемптон. Фудбалерите на Јирген Клоп си ја завршија задачата, три бода се освојуваат и со 1-0, и кога не се игра атрактивен фудбал, и кога не се полнат противниците со по 3,4,5 гола… Но, не е тоа причината за бурните реакции, туку како Црвените дојдоа до победата… „ВАР го уништи фудбалот“, „Како ВАР за Ливерпул е мајка, а за другиве маќеа?“, „Е, да бе, еден сантиметар офсајд, како да не“, „А, Ван Дајк што играше со рака видовте?“… „Де бре дечко, тебе ВАР не ти е виновен што Ливерпул победи со еден гол, ти го чекаш ’кец и геге’, затоа се нервираш и плукаш по нив.“ Па, и да не чекаат на спортска, пак се бунат околу оваа нова технологија.

Луѓе, да се разбереме. Светот секој ден напредува во секакви сфери, технологијата преовладува константно и тоа го прави веќе со години наназад. Додека има умови што ќе измислуваат нешто ново, било да е тоа нуклеарно оружје, обичен смартфон или, пак, летечки автомобил, напредокот и промените нема да застанат. Така и во фудбалот. Се прават секакви експерименти и начини да се подобри најпопуларниот спорт на оваа планета. Точно е дека тие промени повеќе го направија да биде бизнис, отколку само фудбал, но тоа е тема за некој друг ден. Муабетот ми е за ВАР-от. Како што своевремено се вметна „goal-line“ технологијата и се навикнавме на тоа (фантомските голови се минато), така и на оваа ВАР-технологија ќе се навикнеме. Само треба време.

Штом опстои веќе втора година на нашата фудбалска сцена, нема да се отстрани, а факт е дека повеќе помага отколку што го уништува фудбалот, но сѐ зависи на чија страна си и дали ти одговара пресудата. При погодокот на Волците, имаше недозволена позиција, дали биле 2 или 3 сантиметри, воопшто не е важно. Арбитрите во ВАР-собата го забележаа тоа и голот се поништи. Факт. Ван Дајк ја смири со рака топката, ВАР-собата не забележа, играта продолжи. Нема рака. Факт. Тоа е, помирете се. И човек греши, па не технологија. Сите што се буните, сетете се само колку пати вашиот тим примил гол од офсајд или пак не бил досуден пенал во нивна корист? Е, со ВАР сега ем се свират пенали, ем голови се поништуваат.

ПЕТТИ ПАТ НА ВРВОТ ЗА КАТОЛИЧКИОТ БОЖИЌ, НЕ СМЕЕ ДА СЕ ПОВТОРИ МИНАТОТО

Што може да го спречи Ливерпул да ја освои титулата во Премиер лигата? Да се откаже првенството, да се распадне организацијата на првиот ден од 2020 година… Инаку, друго ништо. Апсолутно ништо не ги спречува Ирвасите на Дедо Јирген да ја прелетаат цела Англија и да слетаат на „Енфилд роуд“ со шампионската круна. Онаа што ја носи лавот на амблемот од Премиер лигата.

Од 19 натпревари, 18 да ги добиеш, од максимални 57 да освоиш 55 бода, а тој еден кикс да ти биде мил како сите други победи (реми 1-1 против Манчестер ј. – Лалана за 1-1 погоди во 85’). Со еден меч помалку, Ливерпул има 13 бода предност во однос на Лестер, односно 14 повеќе од актуелниот шампион Манчестер сити. Искрено да ви кажам, ваков учинок сум видел само на популарната симулација Football Manager и никаде на друго место. Во најатрактивната, а можеби и најсилна лига во Европа, да доминираш на полусезона со таква бодовна разлика и без пораз, е многу повеќе од импресивно.

Католичкиот Божиќ помина, а од претходно се знаеше дека Ливерпул ќе го дочека на врвот. Црвените во ваква ситуација се најдоа по петти пат, а претходните четири се кобни и заборавни. Ливерпул во четири наврати ја загуби титулата иако биле „зимски прваци“ – по двапати од манчестерските Јунајтед (1996/97 и 2008/09) и Сити (2013/14 и 2018/19).

Во сите споменати случаи бодовната разлика била многу помала, а Црвените не успеале да го одржат темпото, па и постот изброи веќе три децении. Само еден тим останал без титулата во ситуација кога имал 10+ бода во однос на второпласираниот тим. Тоа е Њукасл во сезоната 1995/96, а Манчестер јунајтед од втор план стана англиски првак.  Според тоа во каква форма се и со каков менталитет пристапуваат играчите на Клоп на секој следен предизвик, не се гледа начин како Ливерпул би ја повторил таа трагедија на Њукасл, особено што ниту еден од 19 противници не успеа да им наштети на нивниот шампионски поход во кој делуваат незапирливо.

Клоп ги предводи вториот најдобар напад во лигата и најдобрата одбрана. Постигнаа вкупно 47, а во мрежата на Алисон дозволија само 14 погодоци. Триумфот против Волците е 50-ти меч на кој Ливерпул остана непоразен на домашен терен во Премиер лигата, а оваа серија датира од април 2017 година, од поразот со 1-2 против Кристал палас. Од прв до последен играч се на ниво на задачата, го даваат максимумот и она што го бара Германецот од нив. Затоа и се толку квалитетни и организирани како колектив.

Останаа уште точно 19 пречки кои треба да се надминат за да се стави крај на 30-годишното чекање, па да се слави бесмртноста на оваа генерација на чело со харизматичниот „The Normal One“… А, верувам дека секој навивач што го прочита овој коментар, веќе во главата му ѕвони насловот Jingle bells, на титула smells, Јиргенпул all the way!, во знакот на Новогодишните празнувања.

- Оглас -

Најнови вести