Легендарниот стратег на Ливерпул и на Борусија Дортмунд, Јирген Клоп, повторно се најде во центарот на европските фудбалски шпекулации. Австрискиот весник „Салцбургер Нахрихтен“ објави дека Германецот би можело да ја напушти својата функција во Ред Бул, иако од компанијата засега решително ги демантираат ваквите наводи.
Информацијата доаѓа по малку повеќе од еден месец по признанието на Реал Мадрид дека размислувал за можноста Клоп да седне на клупата на Кралевите. Иако таа опција остана само во доменот на идеи, самото споменување беше доволно повторно да се разгорат шпекулациите околу иднината на харизматичниот Германец.
Клоп не прифатил тренерски ангажман откако пред две години го напушти „Енфилд“, одлучувајќи се за административна улога, раководител на глобалниот фудбал во системот на Ред Бул. Неговиот агент во неколку наврати потенцираше дека Клоп е задоволен од новиот предизвик, а и самиот стратег јавно се дистанцира од брзо враќање на тренерската работа.
Од Ред Бул експресно ги отфрлија тврдењата за можно заминување. Извршниот директор Оливер Минцлаф во изјава за „Скај Спорт“ шпекулациите ги нарече „целосни глупости“, потенцирајќи дека договорот на Клоп важи до 2029 година.
„Исклучително сме задоволни од работата што ја врши Јирген Клоп. Тој вложува огромно време и енергија, одржува постојана комуникација со нашите тренери и спортски директори и ја развива фудбалската филозофија на Ред Бул. Убедени сме дека тој е вистинскиот човек за оваа позиција“, изјави Минцлаф.
И покрај официјалните деманти, јасно е дека името на Јирген Клоп ќе продолжи да се поврзува со најголемите европски клубови, особено кога станува збор за гиганти како Реал Мадрид.

