Јирген Клоп: Судијата не беше праведен!

Ливерпул загуби со 1:3 на гостувањето во Мадрид од Реал и во реваншот ќе има тешка задача да ја стигне негативата, ако англискиот гигант сака да се пласира во полуфиналето од Лигата на шампионите. Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, беше лут на судијата, кој едноставно не сакал да досуди фаул за Садио Мане.

„Таа ситуација со Мане… Навистина не го разбирам судијата што правеше вечерва. Тоа беше чист прекршок над Мане, а судијата кон него се постави како да е тоа играч кој постојано симулира. Секој следен пат кога Мане ќе паднеше, судијата не сакаше ништо да досуди. Тоа не е праведно. И по мечот му реков дека не беше праведен. Сепак, тоа не ја менува работата. Не беше судијата виновен за нашиот пораз, туку самите ние не се боревме доволно за да имаме подобар резултат“, рече Клоп.

Германскиот стратег сепак додаде дека неговите играчи не играле на посакуваното ниво и дека на реваншот на 14 април на „Енфилд роуд“ ќе биде многу тешко да се анулираат двата гола предност на мадриѓаните.

„Ако сакате да сте дел од полуфиналето, тоа треба да го заслужите. Ние сега бевме лоши, не игравме доволно добро за да создадеме проблеми на Реал Мадрид. Ова беше прелесно за Реал. Единствена добра работа е што барем успеавме да дадеме гол и имаме реванш. Во Мадрид не заслуживме ништо повеќе од резултатот кој го имаме. Сепак, имаме шанси за да поминеме понатаму“, додаде Клоп.

Навивачите на Ливерпул веруваат дека нивните миленици може да направат подвиг како на дуелот против Барселона, кога на „Енфилд роуд“ успеаја да надополнат негатива од 0:3 и победија со 4:0 во реваншот.

„Сѐ може да се случи, само што имаме еден проблем сега. Ќе се игра без навивачи, а на дуелот против Барселона навивачите завршија 80 отсто од работата“, вели Клоп.

 

- Оглас -

Најнови вести