Никола Јокиќ одигра уште еден неверојатен натпревар остварувајќи трипл-дабл, но не успеа да го спречи поразот на неговиот Денвер нагетс од 102:100 во дуелот со ЛА клиперс.
https://twitter.com/i/status/1776110099217736069
Јокиќ, кој дојде до 24-тиот трипл-дабл сезонава постигнувајќи 36 поени, на кои им придодаде и 17 скока и 10 асистенции, прво на 30 секунди до крајот постигна тројка со која намали на 100:102, но не успеа да погоди уште една тројка со звукот на сирената. Кај Клиперси најдобри беа Пол Џорџ со 28 и Џејмс Харден со 20 поени.
Со враќањето на Џоел Ембид на терените, се вратија и победите за Филаделфија, која втор меч по ред слави со идентичен резултат 109:105.
Прво беше совладана Оклахома сити тандерс, а утринава и Мајами хит во дербито на Истокот. Ембид во вториот меч постигна 29 поени, а листата на стрелци ја предводеше Тајрис Макси, кому му недостасуваше само еден скок за трипл-дабл (37 поени, 11 асистенции и 9 скока).
Филаделфија со триумфот го обезбеди најмалку осмото место, а има шанса во последните пет меча од регуларниот дел од сезоната да дојде и до шестата позиција на табелата на Истокот и да го избегне плејин турнирот.
Далас предводен од дуото Ирвинг – Дончиќ дојде до триумф на Атланта хоукс од 109:95. Кајри Ирвинг постигна 26 поени, а Дончиќ еден помалку.
Резултати: Далас – Атланта 109:95, Мајами – Филаделфија 105:109, Њујорк – Сакраменто 120:109, Хјустон – Голден стејт 110:133, ЛА клиперс – Денвер 102:100.