Елмас е најплатен македонски спортист, Јокиќ е убедливо прв во екс-Југославија

Никола Јокиќ е убедливо најплатениот спортист на просторите на поранешна Југославија со годишни примања од 27,8 милиони евра што ги добива од НБА-екипата Денвер нагетс.

Во Македонија на чело е Елиф Елмас со годишна заработка во Наполи од 1,9 милиони евра.

Тоа е убедливо најмалку од спортистите од поранешните југословенски републики според податоците што ги објави „wtfoot.com“.

Зад Јокиќ е Црногорецот Никола Вучевиќ со 22 милиони годишна плата што му ја плаќа Чикаго булс.

Во Словенија е интересно бидејќи на чело е Горан Драгиќ со 17,5 милиони евра годишна плата во НБА-лигата, но сите ќе ги престигне Лука Дончиќ со новиот договор тежок над 200 милиони евра со Далас маверикс.

Еден од најдобрите кошаркари во НБА-лигата моментно во последната сезона од првиот договор со Далас има годишна плата од 10 милиони евра, а од идната 2022/23 ќе добива 35 милиони евра, со што ќе биде најплатен спортист од екс-Југославија.

Платата на Дончиќ ќе расте од сезона во сезона и во последната 2026/27 од новиот договор со Далас ќе добие дури 47 милиони евра.

Најплатен хрватски спортист повторно е кошаркар, а Бојан Богдановиќ ја предводи листата со 17 милиони евра годишна плата во Јута џез.

Интересно е што најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ е далеку од врвот и во Србија и во поранешна Југославија со 8,3 милиони евра во 2021 година.

Тука не се сметаат приходите на спортистите од спонзорски договори, туку само годишната плата, или како во случајот на Ѓоковиќ, заработката од настапот на тениските турнири.

- Оглас -

Најнови вести