Кошаркарот на Денвер нагетс, Никола Јокиќ, на прес-конференцијата по вториот триумф над Феникс санс во конференциското полуфинале одби да одговори на прашањата на новинарите за добитникот на МВП награда за најкорисен играч во регуларниот дел од сезоната.
Вечерва ќе биде познат добитникот на престижната награда, а во игра се само двајца кошаркари, Јокиќ, кој има шанса третпат по ред да го добие ова признание, и центарот на Филаделфија сиксерс, Џоел Ембид.
„Воопшто не размислувам за тоа, имам нула интерес за таа тема“, беше првиот одговор на Јокиќ на прашањето на новинарите кои инсистираа да добијат одговор дали очекува по третпат да биде прогласен за МВП.
„Пријателе, навистина не сакам да зборувам за тоа дали ќе ја добијам јас наградата или некој друг“.
Добитникот на наградата ќе биде познат во 17 часот по локално време во Денвер, а Јокиќ имаше оригинален одговор на прашањата на новинарите.
„Се надевам дека ќе биде сончев и дека ќе бидам на базен во тоа време“, рече центарот на Денвер.