Никола Јокиќ со Денвер и Лука Дончиќ со Далас продолжуваат да ги „газат“ своите противници во НБА-лигата. Двајцата кошаркари од поранешните југословенски простори дојдоа до нереални бројки на синоќешните натпревари.
Србинот не само што дојде до трипл-дабл со 35 поени, 17 скока и 12 асистенции, туку имаше и шест украдени топки, што е историски резултат бидејќи никој пред него не дошол до вакво постигнување. Јокиќ беше предводникот на Денвер во големиот пресврт против Торонто откако актуелниот НБА-шампион имаше негатива од 22 поени во третата четвртина, па на крајот победи со 125-119.
Неверојатниот Словенец, Лука Дончиќ, и седми натпревар по ред дојде до трипл-дабл ефект, со што го предводеше својот Далас до убедлива победа од 92-127 на гостувањето кај Чикаго. Дончиќ мечот го заврши со 27 поени, 12 скока и 14 асистенции, иако имаше слаб учинок од поле, 9/23, сепак со вакви бројки тешко дека некој може да му најде забелешка.
Резултати:
Детроит – Шарлот 114-97
Кливленд – Феникс 111-117
Чикаго – Далас 92-127
Сан Антонио – Голден стејт 102-112
Денвер – Торонто 125-119
Портланд – Бостон 99-121