Кошаркарите на Оклахома сити тандер го победија Денвер Нагетс на гости со 87-92 и ја вратија предноста на домашен терен во полуфиналната серија од плејофот на НБА лигата на Запад (2-2).
Најдобар во победничкиот тим беше Шеј Гилџес-Александер со 25 поени, а додаде и шест асистенции и шест скока, додека кај Денвер, Никола Јокиќ постигна 27 поени и имаше 13 скока.
Првото полувреме мина во жестока одбрана од двете страни и слаба напаѓачка игра, при што се истакна исклучително лошиот шут, па така Денвер во првата четвртина постигна само осум поени, додека гостите во воведните 12 минути постигнаа 17.
Кошаркарите на Денвер во првите 12 минути имаа шут од игра 2/22, од кои 0/14 за три поени, додека Оклахома беше само малку подобра со 1/11 за три поени и вкупно 6/22.
Сето тоа резултираше само со 25 поени во првата четвртина, што е најмал број на комбинирани поени од две екипи во првата четвртина на еден НБА-плејоф натпревар откако е воведен тајмерот што ги ограничува нападите.
На полувреме, Оклахома Сити водеше со 42-36, но Денвер го отвори второто полувреме со серија од 22-10 и поведе со 58-52. Оклахома Сити потоа се врати во игра, а по четири последовни поени на Гилџес-Александер, гостите четири минути пред крајот поведоа со 84-78. Денвер не успеа да го сврти резултатот во своја корист, па Тандер дојде до победа.
Петтиот натпревар ќе се игра во Оклахома Сити и е закажан за ноќта меѓу вторник и среда по средноевропско време.
Во четвртиот натпревар од серијата помеѓу Индијана пејсерс и Кливленд кавалирс, домаќинот целосно го надигра противникот и забележа убедлива победа од 129-109.
Индијана до полувремето веќе имаше предност од 41 поен, со што го изедначи рекордот на НБА за најголема предност во првото полувреме на еден плејоф натпревар.
Пејсерс во првите 24 минути постигнаа неверојатни 80 поени, со реализација од 60% од игра. Во тој период запишаа и 25 асистенции — најмногу во едно полувреме од плејоф меч во ерата на детална статистика.
Натпреварот го одбележа и инцидент од првата четвртина, кога Бенедикт Матурин го удри Де’Андре Хантер во градите. Хантер возврати со силно туркање, по што настана поголема мешаница на теренот.
Матурин беше исклучен поради ударот, а Хантер доби техничка грешка, исто како и Мајлс Тарнер, кој се вмеша во конфликтот.
Но, инцидентот не го наруши ритамот на Индијана, која продолжи со одличната игра и до крајот на втората четвртина дојде до огромна предност.
Проблемите за Кавс не завршија тука – за време на загревањето за второто полувреме останаа и без Донован Мичел, кој се пожали на повреда на зглобот и повеќе не се врати на теренот.