Јокиќ игра одлично откако се врати на терените по корона-вирусот, само една асистенција му недостасуваше за трипл-дабл (Видео)

Кошаркарите на Денвер нагетс ја совладаа Оклахома Сити тандер по продолжение од пет минути со 131:126, а нова одлична партија прикажа српскиот кошаркар Никола Јокиќ, кој го заврши мечот со 39 поени.

Српскиот центар и овојпат одигра одлична партија, а краткото отсуство од терените поради корона-вирусот очигледно не влијаеше на играта на првата ѕвезда на тимот. Јокиќ и овојпат беше на прагот на трипл-дабл, а дуелот со Оклахома Сити заврши со 39 поени, 10 скока и 9 асистенции.

Денвер одлично го започна мечот и првата четвртина ја реши во своја корист со 38:21. Сепак, предноста од 17 поени се стопи на полувремето бидејќи Оклахома возврати, а во третата четвртина дури и поведе.

Сепак, следуваше будењето на играчите на Денвер нагетс, кои успеаја да дојдат до израмнување, а потоа и да слават во продолженијата.
Покушевски погоди две слободни фрлања за водство на Тандер од 120:118, но во последниот напад Арон Гордон му донесе продолжение на Денвер, на асистенција на Јокиќ. Во дополнителните пет минути доминираа играчите на Денвер и успеаја да дојдат до нов триумф.

Лука Дончиќ одигра уште еден неверојатен натпревар на кој постигна 42 поени и имаше 8 скока и 9 асистенции, но неговиот Далас е поразен од Бостон селтикс со 125:112.

Причина за поразот е одличната игра на двоецот на Бостон, Џејсон Тејтум, кој даде 37 поени и имаше 13 скока, и Џејлен Браун, кој уфрли 31 поен.
Бостон сега е лидер во Источната конференција со скор 18-4, додека Милвоки има учинок од 12-5.

Милвоки утринава загуби од Чикаго булс со 113:118 во меч кој претставуваше дуел меѓу Јанис Адетокумбо и Демар де Розан. И двајцата кошаркари постигнаа по 36 поени, но Дерозан имаше повеќе расположени соиграчи и Чикаго на крајот славеше.

Најслабиот тим во НБА-лигата, Детроит пистонс, врза две победи на турнејата низ Западот – по триумфот над ЛА лејкерс, сега ја совладаа и Јута џез со 126:115.

Резултати: Шарлот – Филаделфија 107:101, Кливленд – Портланд 114:96, Индијана – Минесота 101:115, Атланта – Сакраменто 115:105, Бостон – Далас 125:112, Мајами – Вашингтон 113:105, Торонто – Бруклин 98:112, Милвоки – Чикаго 113:118, Оклахома сити – Денвер 126:131, Сан Антонио – Њу Орлеанс 110:129, Јута – Детроит 116:125, Голден стејт – ЛА клиперс 124:107.

- Оглас -

Најнови вести