6.8 C
Skopje
четврток, 12 февруари 2026

Јокиќ незадржлив, уште во третата четвртина стигна до нов трипл-дабл, вкупно 184-ти во кариерата

Никола Јокиќ и Џемал Мареј го предводеа тимот на Денвер нагетс до победа над Мемфис од 122:116 во еден од 14-те натпревари кои се одиграа ноќеска во НБА-лигата. По овие дуели, следува пауза во лигашкиот дел затоа што на програмата ќе биде Олстар-викендот.

Јокиќ уште еднаш покажа дека е незадржлив и стигна до 184-тиот трипл-дабл во кариерата постигнувајќи 26 поени, 15 скока и 11 асистенции. Уште во третата четвртина српскиот центар имаше трипл-дабл, но одличната статистика му ја расипуваат деветте загубени топки, кои на крајот не беа кобни затоа што неговиот тим победи.

Мареј додаде 22 поени, вклучувајќи ги и четирите слободни фрлања погодени во последните 12 секунди од мечот, кога се решаваше победникот. Денвер имаше комотна предност од 15 поени, но со Јокиќ на клупата дозволија Мемфис, кој имаше 10 порази во последните 12 меча, да надомести негатива од 15 поени во последната четвртина и да се избори за неизвесна завршница.

За среќа на Денвер, домашните успеаја да бидат посмирени во завршницата и да се радуваат. Освен Јокиќ и Мареј, со над 20 поени заврши и Тим Хардевеј јуниор (21 поени). Кај Мемфис најефикасен беше Џеј Џеј Џексон со 21 поен, а Ти Тером додаде 19 поени.

Денвер на паузата за Олстар-викедот оди со биланс од 35 победи и 20 порази, што е одлично ако се знае дека сите петмина стартери поради одредени повреди сезонава пропуштија по неколку натпревари.

Резултати: Шарлот – Атланта 110:107, Кливленд – Вашингтон 138:113, Орландо – Милвоки 108:116, Бостон – Чикаго 124:105, Бруклин – Индијана 110:115, Филаделфија – Њујорк 89:138, Торонто – Детроит 95:113, Хјустон – ЛА клиперс 102:105, Минесота – Портланд 133:109, Њу Орлеанс – Мајами 111:123, Денвер – Мемфис 122:116, Феникс – Оклахома 109:136, јута – Сакраменто 121:93, Голден стејт – Сан Антонио 113:126.

- Оглас -

Најнови вести