Во репризата на големото финале од минатата сезона, Денвер нагетс славеше со 100:88 на гостувањето кај Мајами. Со оваа победа шампионот Денвер стана нов лидер во Западната конференција со учинок од 46 победи и 20 порази, односно една победа повеќе од Оклахома сити тандерс.
Првата ѕвезда на екипата, Никола Јокиќ, не одигра според очекувањата, постигна само 12 поени и имаше 14 скока, но затоа блескаше Мајкл Портер јуниор со 25 поени, како и Арон Гордон, кој даде 16 поени. Кај Мајами се истакна Бам Адебајо со 17 поени и 12 скока.
Далас маверикс дојде до четвртата победа по ред, а последна жртва им е Голден стејт вориорс, кој е совладан со 109:99. На овој меч, Лука Дончиќ ја прекина серијата на мечеви со трипл-дабл учинок. До овој дуел, Дончиќ оствари шест трибл-дабл учиноци по ред, но утринава застана на 21 поен, девет асистенции и три скока.
Поефикасен од него во Далас веше Кајри Ирвинг, кој даде 23 поени и имаше 10 асистенции.
Чикаго булс како гостин со 132:129 по продолжението од пет минути ја совлада Индијана пејсерс во меч во кој блескаше Демар Дерозан. Дерозан прво на четири секунди пред крајот на мечот постигна поен од слободно фрлање, а потоа во последната секунда од одбиената топка погоди за продолжение.
Во него дилемите околу победникот ги реши токму Дерозан, кога на десет секунди пред крајот погоди едно слободно фрлање за 132:129. Во последната секунда, Тајрис Халибуртон се обиде со тројка да обезбеди ново продолжение, но не беше прецизен. Токму Дерозан беше најефикасен со 46 поени, додека на спротивната страна Мајлс Тарнер уфрли 27 поени.
Резултати: Детроит – Торонто 113:104, Орландо – Бруклин 114:106, Индијана – Чикаго 129:132, Мајами – Денвер 88:100, Мемфис – Шарлот 98:110, Њу Орлеанс – Кливленд 95:116, Далас – Голден стејт 109:99, Портланд – Атланта 106:102, Сакраменто – ЛЕ лејкерс 120:107.