Денвер нагетс го победи Голден стејт со 130:127 во меч со неверојатна завршница, а херој на крајот е Никола Јокиќ. Најдобриот НБА-играч за минатата сезона уште еднаш покажа зошто е МВП откако успеа да постигне неверојатна тројка за победа од речиси половина терен, и тоа со звукот на сирената за крај на средбата.
Актуелниот НБА-првак на чудесен начин стигна до 11-та победа во последните 13 меча и шести последователен триумф на гостински терен. Беше 127:127, а на семафорот останаа само уште 3,6 секунди до крајот.
Топката беше за гостите и логично заврши во рацете на Јокиќ. Српскиот центар сам тргна во напад, направи два три чекори во половината на противникот и од многу тешка позиција, речиси од аут-линијата успеа да погоди тројка, и тоа од табла.
Херојот на Денвер мечот го заврши со 34 поени (погоди 13 од 16 шута од поле), имаше 10 скока и девет асистенции. Одличен беше и Гордон со 30 поени и девет асистенции. Кај Голден стејт најпрецизен беше Стеф Кари со 30 поени, а Клеј Томпсон заврши со 24 поени.
Watch EVERY ANGLE of Jokic's 39-foot #TissotBuzzerBeater! pic.twitter.com/dZrmrxAEMZ
— NBA (@NBA) January 5, 2024
Во вториот меч кој се одигра ноќеска во НБА, Милвоки славеше против Сан Антонио со 125:121 на гостински терен. Ова беше прв дуел меѓу двократниот МВП во НБА, Јанис Адетокумбо, и првиот пик на драфтот, Виктор Вембањама.
Адетокумбо беше одличен и постигна 44 поени, 14 скока и седум асистенции, а во последната четвртина даде 12 од 32-та поени на Милвоки. Вембањама, кому му беше роденден и наполни 20 години, исто така беше на ниво на задачата и заврши со 27 поени, девет скока и пет блокади, но младиот француски центар не успеа да донесе триумф на Спарси.